Што е Бибиверзум?

Образовниот центар „Бибиверзум“ е дел од големата образовна платформа „Светот на Биби“. Образовната платформа интегрира многу образовни алатки и ресурси за воспитување и образование на децата. Печатени и дигитални изданија, сликовници, боенки, училиштен прибор, играчки, друштвени игри, облека и уште многу други производи. Сите тие ќе бидат дел од програмата во „Бибиверзум“, во која ќе ги интегрираме и ќе ги користиме со цел децата да го запознаваат животот, да го доживуваат неговото богатство, да ги почувствуваат и да влезат во неговите убавини, да се соочуваат со неговите спротивности и промени, постепено да го согледуваат своето место во реалноста.

„Бибиверзум“ е место каде што фокусот е да се зајакне мотивацијата на децата за длабинско учење, да се создаде стимулативна и креативна средина за радост кон учењето, да се зајакнат размислувањето и учењето за учење. Затоа ќе применуваме различни концепти на учење согласно индивидуалните потреби на децата, користејќи ги анимациите со ликовите од „Светот на Биби“.

Програмата има воспитни и образовни цели. Образовните цели се однесуваат на когнитивната сфера на личноста, на усвојување знаења и развој на способностите и вештините, а воспитните цели се посветени на конативната и афективната сфера на личноста, на формирање ставови и уверувања, вредносни ориентации, морални особини на личноста, развој на чувствата, емоционалната интелигенција. Програмата се базира на хуманистичките теории, педагошко-психолошките процеси за развој на личноста на детето и има интегриран, отворен и холистичкиот пристап во раното учење и развој кај децата.

ПОДДРШКА ЗА ДОМАШНИТЕ ЗАДАЧИ

Со секоја активност е планирана и домашна задача, затоа силно ги поддржуваме семејствата што избираат нивното дете да ги извршува своите домашни задачи. По секоја активност се издвојуваат околу 30 минути за работа на задачите. (Децата можат да работат на задачите во кое било време.) Во зависност од возраста на детето, можеби ќе им треба повеќе или помалку време. Доколку сметате дека домашната задача создава непотребен стрес врз вашето дете или семејство, или ако сте незадоволни од видот или количината на доделени домашни задачи, ве охрабруваме да стапите во контакт со наставникот и да поразговарате.

КОМУНИКАЦИЈА СО СЕМЕЈСТВОТО Отворената комуникација е многу важна за градењето искрен однос помеѓу вас и „Бибиверзум“. Ве охрабруваме и ве замолуваме секогаш да комуницирате за вашите потреби и проблеми веднаш штом се појават.